Како плод на својата долговековна духовна и културно-просветна дејност, манастирот „Света Пречиста Кичевска“ се здобил со свое богато писмено наследство. Тука пред сè спаѓаат четиринаесетте откриени ракописи кои му припаѓале на овој манастир, но и голем број печатени книги и текстови напишани врз тврд материјал. Предмет на овој труд се записите и натписите зачувани врз материјалното културно наследство на овој духовен центар, а со цел тие да бидат анализирани и искоментирани од содржински, лингвистички, книжевен и богословски аспект. Класифицирани се според нивната содржина и местото каде што се наоѓаат.