Please use this identifier to cite or link to this item: http://hdl.handle.net/20.500.12188/16573
Title: Процена на ефикасноста на два периоперативни антибиотски профилактички режими со цефуроксим и цефтриаксон во превенција на постоперативни инфекции кај возрасни пациенти во неврохирургија
Authors: Димовска Гавриловска, Александра
Keywords: инфекции на оперативно поле, неврохирургија, антибиотска профилакса, цефуроксим, цефтриаксон
Issue Date: 2017
Publisher: Медицински факултет, УКИМ, Скопје
Source: Димовска Гавриловска, Александра (2017). Процена на ефикасноста на два периоперативни антибиотски профилактички режими со цефуроксим и цефтриаксон во превенција на постоперативни инфекции кај возрасни пациенти во неврохирургија. Докторска дисертација. Скопје: Медицински факултет, УКИМ.
Abstract: ВОВЕД. Инфекциите на оперативното поле (ИОП) претставуваат значаен проблем во третманот при неврохируршките оперативни процедури и покрај примената на периоперативна профилакса со системски антибиотици, кои го намалуваат, но не го елиминираат и ризикот од нивната појава. Стапката на инфекции кај овие процедури, генерално, изнесува од помалку од 1% до над 15%. Во периоперативната профилакса досега се користени различни антибиотици и различни режими на администрација, при што постојат голем број споредбени студии за нивната ефикасност, но, генерално, се посочува дека нивниот избор би требало да се базира врз сознанијата и локалните специфики поврзани со најверојатните бактериски причинители за кои се очекува евентуална контаминација на оперативното поле и можноста тие да предизвикаат инфекција, како и, клучно, задолжителното придржување кон принципите за обезбедување соодветни концентрации на лекот локално, во моментот на очекуваната контаминација. ЦЕЛ. Да се компарира протективниот ефект на два периоперативни профилактички антибиотски режими со цефуроксим (цефалоспорин од втора генерација) и цефтриаксон (цефалоспорин од трета генерација) во превенцијата на постоперативни инфекции на оперативното поле кај возрасни пациенти по извршени елективни и ургентни кранијални и спинални неврохируршки процедури на Универзитетската клиника за неврохирургија во Скопје, во текот на 2015 и 2016 година. ДИЗАЈН НА СТУДИЈАТА. Проспективна рандомизирана компаративна студија. МЕРКИ НА ИСХОДОТ. Определување на клиничкиот исход претставен како застапеност на суперфицијалните и длабоките инцизионални и орган/простор постоперативни инфекции на оперативното поле, и на несаканите ефекти на лекот користен во периоперативната профилакса. МАТЕРИЈАЛ И МЕТОДИ. Проспективно, анализирани се 202 пациенти кај кои, пред рутинските неврохируршки кранијални и спинални оперативни процедури еден час пред операцијата, администрирана е парентерална антибиотска профилакса со два антибиотски режими, рандомизирани во две групи. Според редоследот на доаѓањето и вклучувањето во студијата, наизменично, неселективно, лицата што ги исполнуваа инклузионите критериуми беа поставувани на еден од двата програмирани режими со цефуроксим во првата, односно цефтриаксон во втората компарирана група. Анализирани се сите релевантни демографски и периоперативни податоци за пациентите во двете компарирани групи и особено факторите за кои е познато дека создаваат диспозиција (предиспонираат) кон инфекции. Како примарен исход е евалуирана застапеноста на постоперативните инфекции и несаканите ефекти на лекот во двете компарирани групи, додека, пак, како секундарен, вкупната стапка на постоперативни инфекции по спроведени кранијални и спинални неврохируршки оперативни процедури на Клиниката за неврохирургија во Скопје (со оглед на тоа што досега нема објавени податоци за нив), како и застапеноста на факторите на ризик за појава на постоперативни инфекции предоперативно кај лицата што подлежат на неврохируршки интервенции локално во Република Македонија. РЕЗУЛТАТИ. Вкупно се регистрирани четири случаи со постоперативни инфекции, од кои во два случаи тие беа класифицирани како суперфицијални инцизионални (S. aureus и коагулаза негативен стафилокок), и во два длабоки орган/простор инфекции со менингитис, од кои едниот со микробиолошки потврдена етиологија (Enterobacter) и вториот, асептичен, без етиолошка потврда. Двете компарирани групи беа статистички слични, без статистички значителни разлики во базичните демографски и периоперативни карактеристики, како и, особено, во однос на застапеноста на факторите што, независно од антибиотската профилакса, предиспонираат кон постоперативни инфекции. Три случаи со инфекции се регистрирани во групата лица што периоперативно примиле профилакса со цефтриаксон, со изолиран етиолошки агенс S. aureus (елективна интервенција) во еден и метицилин резистентен стафилокок ауреус (MRSA) во другиот случај (ургентна интервенција) со суперфицијални инцизионални ИОП. Во групата пациенти што периоперативно примале цефуроксим е регистриран еден случај на длабока – орган/простор ИОП, со микробиолошки потврден етиолошки агенс (Enterobacter). ЗАКЛУЧОК. Двата користени антибиотици, цефуроксим и цефтриаксон, со унифициран режим на администрација како дел од периоперативната антимикробна профилакса, со цел превенција на постоперативни ИОП кај оперативно третираните пациенти со кранијални и спинални неврохируршки процедури, резултирале со појава на ИОП во 1,98%, при што наспроти многубројно поголемата застапеност на стапката на ИОП во групата со цефтриаксон, не е најдена статистички сигнификантна разлика на ниво p<0,05. Наспроти тоа, застапеноста на невообичаени и несакани реакции на лекот, манифестирани исклучиво со краткотрајна самоограничувачка дијареја кај групата пациенти што периоперативно примале цефуроксим, беше статистички сигнификантно повисока (p<0,05). Периоперативната антибиотска профилакса треба да биде насочена кон подобро покривање на соевите на S. aureus.
Description: Докторска дисертација одбранета во 2017 година на Медицинскиот факултет во Скопје, под менторство на проф. д–р Звонко Миленковиќ.
URI: http://hdl.handle.net/20.500.12188/16573
Appears in Collections:UKIM 02: Dissertations from the Doctoral School / Дисертации од Докторската школа

Files in This Item:
File Description SizeFormat 
S-AleksandraDimovskaGavrilovska2017.pdf1.53 MBAdobe PDFView/Open
Show full item record

Page view(s)

51
checked on May 1, 2024

Download(s)

79
checked on May 1, 2024

Google ScholarTM

Check


Items in DSpace are protected by copyright, with all rights reserved, unless otherwise indicated.