Please use this identifier to cite or link to this item:
http://hdl.handle.net/20.500.12188/31062
Title: | ЈАВНОЗДРАВСТВЕНО ЗНАЧЕЊЕ НА ЗНАЕЊАТА, СТАВОВИТЕ И ПРАКТИКИТЕ НА ПОТРОШУВАЧИТЕ НА ФУНКЦИОНАЛНА ХРАНА ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА | Authors: | Спироски, Игор | Issue Date: | 16-Jan-2015 | Abstract: | Вовед: Иако не постои единствена дефиниција за функционална храна, научната заедница се согласува дека во неа спаѓаат различни видови на храна и прехранбени производи за кои се верува дека го подобруваат вкупното здравје и добросостојба, го намалуваат ризикот од определени болести или ги минимизираат ефектите на некои здравствени проблеми. Функционалната храна е вообичаено тесно поврзана со појавата на нутритивни и здравствени изјави на определени прехранбени производи. Денес потрошувачите се свесни за тоа дека храната има поголемо влијание врз нивното здравје од тоа што претходно се мислело. Таа свест влијае врз нивното однесување и потенцијално врз јавното здравје преку свртување на вниманието на потрошувачите кон храната, не само како медиум кој ќе ги задоволи потребите за јадење, туку и како чинител кој ќе влијае врз нивното здравје. Цел: Цел на оваа студија беше да ги истражи знаењата, ставовите и практиките на потрошувачите во Македонија спрема функционалната храна, да ги предвиди идните трендови и да ги процени потребните јавноздравствени политики во однос на пазарот на функционална храна. Хипотези: Во дисертацијата се тестирани неколку хипотези и тоа дека потрошувачите имаат позитивен став кон концептот на функционална храна и истиот го прифаќаат; дека помладите потрошувачи повеќе знаат и повеќе го прифаќаат концептот на функционална храна; дека здравствените придобивки се основната причина за консумирање на функционалната храна и дека антропометриските параметри на нутритивниот статус на потрошувачите на функционална храна на возраст од 18 до 34 години се во рамките на препорачаните вредности за нивна возраст. Материјал и методи: Истражувањето во оваа докторска дисертација беше дизајнирано како ретроспективно-проспективна студија на пресек. Во квантитативното истражување учествуваа 518 испитаници постари од 18 години од сите региони во државата. Тие беа одбрани преку процес на триетапно одбирање на национално репрезентативен примерок. Прашалникот содржеше прашања поврзани со нивоата на информираност за функционалната храна, верувањето во здравствените изјави, фреквенцијата на консумирање, како и за знаењата и ставовите поврзани со таа храна. Статистичката значајност беше определена на p<0,05. Две дополнителни квалитативни истражувања беа спроведени како дополнение на квантитативното. Беа користени методи на дискусија во фокусни групи и длабински интервјуа со производители и продавачи за да се добијат знаења од заинтересираните страни во врска со клучни прашања поврзани со функционалната храна. Резултати: Испитаниците на возраст од 18 до 34 години беа повеќе информирани во споредба со општата популација (22 и 16 % соодветно, p<0,05). Најмногу од потрошувачите ги консумираат овие производи еднаш дневно. Вработените потрошувачи имаа волја да го зголемат дневното консумирање од 3 на 18% (p<0,05). Во просек, 65,1% од изјавите со кои се проценуваше знаењето беа одговорени точно. На скала од -3 до +3, функционалната храна беше проценета како многу здрава (просек=2,03, СД=1,42), а испитаниците имаа позитивен став во однос на сите аспекти на таа храна, освен за цената. Според 68% од испитаниците здравствените изјави на етикетите на производите им биле корисни во одлучувањето дали да го купат или не функционалниот производ. Тие сметаат дека нутритивната информација на етикетата е поважна во споредба со нивното знаење (просечна оцена 3,51 од 5). Потрошувачите во Македонија имаат позитивни очекувања од функционалната храна, особено за нејзиното влијание кон подобро здравје. Производителите и продавачите очекуваат дека пазарот на функционална храна во Македонија во иднина ќе биде во пораст. Дискусија: Наодите од дисертацијата се на линија на резултатите прикажани во претходни истражувања во кои е покажано дека здравствените придобивки се главен фактор за консумирање на функционална храна и дека потрошувачите би имале волја да направат компромис во однос на вкусот на храната во корист на здравствените придобивки, иако со текот на времето таа волја опаѓа. Резултатите од истражувањето поврзани со нутритивното знаење и ставовите за функционалната храна одговараат на резултатите претставени во истражувањето направено за производите со нутритивни и здравствени изјави во земјите од регионот на Западен Балкан. Заклучок: Доколку правилно се разбере, концептот на функционална храна има високо ниво на прифаќање меѓу потрошувачите во Македонија. Потрошувачите имаат позитивен став и високи очекувања од функционалната храна. Политиките во јавното здравје сè уште заостануваат во споредба со сеопфатниот пристап на индустријата за храна при пласирањето на овие производи на пазарот. Треба повеќе да се направи од страна на Владата, професионалците од јавното здравје, научната заедница и медиумите за да се обезбеди потрошувачите да имаат прецизни и валидни информации за функционалната храна. Клучни зборови: функционална храна, ставови, потрошувачи, Македонија, јавно здравје. | URI: | http://hdl.handle.net/20.500.12188/31062 |
Appears in Collections: | Faculty of Medicine: PhD Theses |
Files in This Item:
File | Description | Size | Format | |
---|---|---|---|---|
Doktorat_za_pecatenje_bez_naslovna_ednostrano.pdf | 1.37 MB | Adobe PDF | View/Open |
Items in DSpace are protected by copyright, with all rights reserved, unless otherwise indicated.